Денес православните верници го слават Свети Димитрија Мироточиви, големиот заштитник на градот Солун и еден од најпочитуваните светители во православниот свет. Според житието, тој се родил во Солун, од благочестиви и угледни родители кои долго немале деца, па бил измолен од Бога и воспитан со љубов и вера. Кога татко му починал, царот го поставил за војвода на Солун.

Токму тогаш започнало неговото страдање. Царот Максимијан, познат по својата суровост кон христијаните, му наредил на Димитриј да ги гони и истребува верниците во градот. Но наместо тоа, Димитриј јавно ја исповедал својата вера и отворено го проповедал Христос. Кога царот дознал за тоа, се разгневил и го повикал пред себе. Без страв, Димитриј признал дека е христијанин и дека нема да се одрече од верата.
Разјарениот цар го фрлил во затвор, каде што му се јавил ангел Божји и му рекол: „Мир на тебе, страдалнику Христов, биди храбар.“ Неколку дена подоцна, војници пратени од царот го избоделе со копја додека се молел. Христијаните тајно го погребале неговото тело, од кое подоцна потекло миро што исцелувало болни.
Над неговите мошти прво била изградена мала црква, а потоа и поголема, благодарение на војникот Леонтиј кој бил исцелен преку молитва кон светецот. Од тогаш па сè до денес, моштите на Свети Димитрија се наоѓаат во Солун, и од нив, според сведоштвата, сè уште тече миро.
Солун со векови го сметал Свети Димитрија за свој чувар. Многупати им се јавувал на граѓаните во тешки времиња и го спасувал градот од непријатели и неволји.
Во народната традиција, празникот Димитровден го означува почетокот на зимата и крајот на земјоделските работи. Старите велеле: „До Димитровден – лето, по Димитровден – зима.“ Тоа е време кога луѓето се собирале во своите домови, палеле оган и го славеле светецот со мир и благодарност.
Нека Свети Димитрија ни донесе сила, здравје и спокој. Да останеме храбри во верата и во добрината, како што бил и тој непоколеблив пред неправдата и злото.

















