Стојко Додолоски, или како што мештаните го нарекуваат Стојко Каевиќ, е име што и денес со восхит се спомнува во Чучер-Сандево. Роден на падините на Скопска Црна Гора, Стојко останал запаметен како единствениот Македонец што го преживеал бродоломот на „Титаник“. Неговата животна приказна е поврзана со сонот на многу млади луѓе од тоа време, да избегаат од сиромаштијата и турскиот зулум и да ја најдат својата среќа во „ветената земја“ Америка.
Како шеснаесетгодишно момче, Стојко тргнал на пат со неколку заштедени гроша во џебот. Во англиското пристаниште Саутхемптон, непосредно пред испловувањето на „Титаник“, тој случајно купил билет од еден поп што во последен момент се откажал од патувањето. Стојко не можел ни да замисли дека се качува на брод кој за само неколку дена ќе стане симбол на човечка трагедија.
Ноќта спроти 15 април 1912 година, бродот удрил во санта мраз. Од повеќе од две илјади патници, само седумстотини биле спасени, меѓу нив и младиот Стојко од Чучер. Според кажувањата што се пренесувале со години, тој успеал да се фати за спасувачки појас и со голем напор да се одржи на површината. Во еден миг скокнал од петнаесет метри височина во мразната вода и допливал до превртен чамец. Таму го забележал офицерот Чарлс Лоу, еден од ретките што воопшто се вратиле по преживеани. Стојко бил еден од дванаесеттемина што ги извлекле таа кобна ноќ.

Во Чучер, приказната за него и денес живее. Неговиот потомок Живко Каевиќ раскажува дека прадедо му по трагедијата некое време живеел во Америка, а подоцна се вратил во Македонија. Во педесеттите години повторно чекорел низ селото. Работел во една фирма во Ѓорче Петров, секогаш насмеан и расположен.
Соселаните и денес го паметат. Трајанка, негова некогашна соседка, сведочи дека Стојко често ја раскажувал приказната за „Титаник“, но секогаш со смеа, како нешто што одамна го оставил зад себе. Старите велат дека сакал да биде погребан во Врвеж, но неговата ќерка го повлекла повторно во Америка, каде што и починал, во Чикаго.
Најстарата жителка на селото, 92-годишната Звезда Звездановска, се присетува дека нејзината мајка била братучетка на Стојко. „Немаше панталони што ќе го соберат“, вели таа низ насмевка. „Се врати околу педесеттата година, седеше неколку години во селото и пак отиде. Раскажуваше дека картата ја купил од поп и дека тргнал заедно со Тодор Зазановски. Тодор починал, а Стојко се спасил.“
Приказната за Стојко не е единствената што ја поврзува Македонија со бродоломот на „Титаник“. Скопјанецот Владимир Плавевски сведочи дека неговата баба Цена требала да патува со истиот брод, но во последен момент се вратила да земе фотографии од Гоце Делчев и Даме Груев за да ги однесе во кафеаната на својот сопруг во Америка. Таа случајна одлука ѝ го спасила животот.
Денес, повеќе од еден век подоцна, приказната за Стојко Каевиќ останува како редок и горд дел од селската меморија. Без оглед на тоа колку детали се историски точни, мештаните велат дека „Чучер имал човек што го победил морето“.

















